
Пишува: Д-р Александра Спасовска Трајановска, Специјалист по семејна медица, ЗЛОМ-СМ, ПЗУ ПРОМЕДИКА ПРИМА Скопје
Што е тироидната жлезда и која е нејзината функција?
Тироидната жлезда е ендокрина жлезда локализирана на предната страна од вратот. Се состои од десен и лев лобус меѓусебно поврзани со истмус, поради што наликува на пеперутка. Тироидната жлезда под влијание на TSH (хормон излачен од хипофиазата) излачува хормони наречени тироидни хормони,од кои најзначаен е тироксинот или Т4 и тријодтиронин или Т3. Излачени во циркулацијата доспеваат до сите клетки во организмот и влијаат на многу витални функции како дишењето и срцевата фреквенција, метаболизмот, мускулната сила, телесната температура, влијаат врз централниот и периферниот нервен систем, гастроинтестиналниот систем итн. Во периодот на детството, нормалните нивоа на тироидните хормони се од круцијално значење за правилен развој на мозокот.
Значењето на Јодот и како влијае неговиот недостаток?
Јодот игра есенцијална улога во нормалното функционирење на тироидната жлезда бидејќи се користи за продукција на тироидните хормони. Посебно е значаен кај бремените жени кога е потребно да се обезбеди правилен и нормален развој на мозокот во феталниот развој и во раното детство. Човековото тело не може да создава јод, па затоа го користи јодот внесен преку храната. Доколку внесот на јод е недоволен, тогаш со цел да создаде доволно хормони тироидната жлезда се зголемува, настанува гушавост. Од друга страна ексцесивниот внес на јод доведува до јодно-индуциран хипертиреоидизам. Дефициенцијата на јод во бременоста е сериозна и за мајката и за фетусот. Може да доведе до покачен крвен притисок кај мајката и ментална ретардација кај бебето. Јодот игра важна улога во нормалниот развој на централниот нервен систем. Бидејќи е неопходно да се внесе со храната во многу земји ширум светот постои регулатива со која се јодира солта која се користи во исхраната со цел да се спречи негова дефициенција.
Која е улогата на семејниот доктор во дијагностиката и едукацијата на пациентите за справување со нарушената функција на тироидната жлезда?
Хипотиреодизмот и хипертироидизмот иако можат да се јават во било која возраст, почести се кај адултната популација и повеќе кај жените отколку кај мажите. Доколку хипотиреоидизмот се појави во раното детство може да биде конгенитален како резултат нарушен интраутерин развој на тироидното ткиво или нормално развиено ткиво, но со нефункционалност на истото. Хипертироидизмот во детството е резултат најчесто на автоимун процес како кај М.Graves.
Постојат повеќе ризик фактори за развој на тироидните нарушувања.
- женски пол
- возраст над 60год.
- фамилијарна историја
- операција на тироидната жлезда
- радиотерапија во регија на вратот
- лекови(пр.литиум)
- бременост, постпартален период
- дефицит на јод
- автоимуни болести како пр.дијабет тип 1
Многу заболувања и состојби се поврзани со нарушена морфологија или функција на тироидната жлезда, како тироидитис, струма, хипотироидизам, хипертироидизам, јазли во тироидната жлезда, карцином на тироидната жлезда и др. Хипотироидизмот и хипертироидизмот се нарушување кои се должат на несоодветно лачење на тироидните хормони. Хипотироидизмот се карактеризира со намалено лачење на тироидни хормони, па нивните ниски нивоа се причина за замор, малаксаност, покачена телесна тежина, сува, кршлива коса, опаѓање на косата, сува кожа, мускулни болки, опстипација, депресија, раздразливост, несоница, нарушена концентрација, губење на меморијата, неподносливост на студ, нарушен менструален циклус. За разлика од хипотиреодизмот, кај хипертиреоидизмот пациентите страдаат од тахикардија, ексцесивно потење, опаѓање на косата,тремор, анксиозност, намалување на телесната тежина, несоница.
Покрај влијанието на симптомите на нерегулирана хипотиреоза и хипертиреоза врз секојдневниот живот и активности,истите можат да влијаат и при планирање на семејството во периодот пред,за време и по бременоста. Недијагностицираните и нетретираните тироидни дисфункции може да доведат до инфертилитет преку нарушување на менструалниот циклус, оневозможувајќи овулација, фертилизација и имплантација, па забременувањето во тој случај е речиси невозможно.
Тироидните дисфункции можат да имаат влијание и на текот на бременоста доведувајќи до спонтан абортус, потенцирање на симптомите на хипотиреоза, успорен развој на мозокот на фетусот, прееклампсија, прематуритет и конгенитални абнормалности. Во постпарталниот период може да се појави воспаление на тироидната жлезда –тироидитис кој може да се манифестира со хипотироидизам, хипертироидизам или хипертироидизам следен со хипотироидизам.
Најважно во дијагностицирањето на тироидните нарушувања, поконкретно хипотиреозата и хипертиреозата е раното препознавање на симптомите што ќе доведе до рано дијагностицирање и ран третман без компликации. Доколку тироидната жлезда е со нормална големина не може да се палпира, но при нејзино зголемување или присуство на јазли, физикалниот преглед може да помогне при дијагностицирањето. Дијагностицирањето е и преку одредување на нивоата на ТSH и тироидните хормони во крвта. Ниско ниво на ТЅН и високи нивоа на тироидните хормони се карактеристични за хипертиреозата, додека кај хипотиреозата се јавува високо ниво на ТЅН и ниски нивоа на тироидни хормони. Доколку е потребно за доиследување се одредуваат и тироидни антитела, тиреоглобулин итн.
Третманот на хипотиреозата е преку супституција на тироксинот со левотироксин, додека кај хипертиреозата е со антитироидни лекови, радиоактивен јод или оперативно. Истовремено се користат и лекови со цел да се ублажат симптомите на тироидните дисфункции (пр.бета блокатори).
Бидејќи устешниот и ран третман зависи од раното и навремено дијагностицирање, улогата на семејниот лекар е од суштинско значење. Познавајќи ја фамилијарната историја на пациентот, неговата медицинска историја, честите посети кај семејниот лекар, чувството на блискост и доверба која пациентот ја има кон својот лекар овозможуваат семејниот лекар да препознае и суптилни промени, па дури и да иницира иследувања кај субклинички состојби. Резултат на таквата соработка е рано дијагностицирање, ефективно лекување и избегнување на компликации. Токму заради улогата што ја има семејниот лекар во севкупниот живот на неговите пациенти, 19ти Мај се празнува во чест на семејните лекари ширум светот и истовремено им се оддава признание.