
УЛОГАТА НА ПАЦИЕНТОТ И ДОКТОРОТ
Тироидната жлезда е ендокрина жлезда, односно жлезда со внатрешно лачење чија примарна функција е производство на тироидните хормони тријодтиронин, тироксин и пептиден хормон, калцитонин.
Анатомски таа е локализирана непосредно под гркланот од двете страни на душникот. Составена од од два лобуси десен и лев кои меѓу себе се поврзани со тесен жлездест дел наречен истмус. Тежината на тироидната жлезда изнесува околу 30 – 60 грама. Нејзина основна градбена единица се тиреоцитите. Хормоните кои ги лачи во најголем процент се врзуваат за протеински носачи и се неактивни, а многу мал процент се оние кои се неврзани, слободни и кои се всушност активни, тие се мерливи и врз основа на нивната вредност ја проценуваме функцијата на тироидната жлезда.
Производството и секрецијата на тироидните хормони се одвива по принципот на негативна повратна спрега ( хипоталамус – хипофиза – тироидна жлезда ), а тоа значи дека зголеменото ниво на тироксин го намалува лачењето на тиреостимулирачкиот хормон во аденохипофизата и обратно намаленото ниво на тироксин во циркулацијата го зголемува лачењето на овој хормон кој е исто така мерлив и кој на докторите значително им помага за одржување на нормалната функција на жлездата.
Тироидните хормони имаат влијание врз метаболизмот на речиси секоја клетка во човековото тело. Како делуваат тироидните хормони?
- Ги регулираат оксидативните процеси
- Влијаат врз растот и развојот на организмот
- Влијаат врз функцијата на нервното ткиво
- Овие хормони влијаат во насока на зголемување на базалниот метаболизам, влијаат на синтезата на протеините, учествуваат во регулирање на растот и развојот на долгите коски заедно со хормонот за раст, ја регулират телесната температура како и осетливоста на организмот на други хормони. Овие хормони исто така влијаат на протеинскиот , јагленохидратниот, масниот па дури и на витаминскиот метаболизам.
За нормално да се содаваат тироидните хормони неопходно е во нашето тело да има доволна количина на јод која ја добиваме преку храната (солта) и водата бидејки тироидните клетки се единствените клетки во нашиот организам кои може да апсорбираат јод.
Македонија спаѓа, во ендемски подрачја со недостиг на јод но со воведување на задолжително јодирање на солта тоа е веќе минато.
Како ние како доктори да се посомневаме дека нашиот пациент има проблем со функцијата на тироидната жлезда?
Прво и најважно е преку добро земена анамнеза, бидејки добро земената анамнеза е половина дијагноза.
Доколку се работи за хипотиреоза (намалена функција), се јавуваат следните симптоми:
- Замор при мирување и движење
- Намалена концентрација
- Сува кожа и коса
- Кршливи нокти
- Чувство на постојан студ
- Запек
- Промени во расположението ( депресија )
- Чести и обилни менструални крварења
- Болки во мускули и зглобови
- Забавена срцева работа
- Потешкотии во забременување
Причини за појава на хипотиреоидизам може да бидат:
Недостаток на јод во исхраната, автоимуни заболувања (Хашимото
тироидит), различни инфекции, хируршко отстранување на жлездата,
преголемо консумирање на лекови за лечење на хипертиреоидоза, дејство на некои лекови (алфа интерферон, талидомид, амиодарон), туморски процеси на хипофиза и хипоталамус или на самата тиреоидна жлезда, постпартални промени (после породување).
Доколку се работи за хипертитеоза (зголемена функција ), се јавуваат следните симптоми:
- Забрзана срцева работа (тахикардија)
- Дијареа
- Промени на расположението во насока на анксиозност и депресија
- Зголемување на телесната тежина и покрај контролираниот животен стил
- Зголемено потење
- Тремор
- Опаѓање на косата
- Проблеми со менструалниот циклус
- Проблеми со забременување
Хипертиреоидизмот може да се манифестира во форма на:
- Базедова болест
- Токсична мултинодуларна струма
- Преголем внес на суплементи кои содржат јод
- Лекови
Мора да се напомене дека доколку се работи за струма, која не секогаш е поврзана со пореметена функција на жлездата, но поради растот на големината на жлездестото ткиво се случува притисок на дишникот и хранопровододот, може да доведе до потешкотии во дишењето и голтањето како и козметички проблеми кај истиот.
Ако се работи за акутно воспаление се јавуваат симптоми како, црвенило , оток и болка.
Покрај анмнезата последователно доколку се работи за сомневање за нејзино нарушување треба да се направат следните испитувања:
- Физикален преглед
- Лабораториски иследување за нивото на тиоидни хормони, тиреостимулирачки хормон и антитироидни антитетела (чие покачување може да укажува на нејзина хипер или хипофункција, воспалителни маркери доколку се работи за пореметување од воспалителна природа)
- Ултразвучна – ехо дијагностика која служи за проценка на структурата и големината на жлездата како и за откривање на присуство на цисти, јазли и калцификати на истата.
- Скен со радиокативен јод – онаму каде што јодот не е превземен од тироидната жлезда се појавуваат т.н. студени дамки кои укажуваат на нефункционален лобус кој е потенцијално со малигна природа. Доколку се работи за преголемо фиксирање на јод тоа се т.н. врели дамки што укажува на зголемена активност, а тоа на суспектен токсичен аденом.
- Инциденцата на заболувања на тироидната жлезда во нашата земја е голема па следствено на тоа треба да се внимава на нејзино навремено откривање, дијагностицирање и соодветен третман.
Наш совет до пациентите е следниот:
- Болест на тироидната жлезда може да се развие постепено и незабележливо, што значи дека некој може да ја има со години, без да биде свесен за тоа.
- Најчестите болести на тироидната жлезда обично не даваат никакви симптоми.
- Најдобар начин да откриете дали имате некое заболување на тироидната жлезда е да појдете на преглед кај вашиот лекар.
- Слушајте ги сигналите кои ви ги праќа телото
- Појдете да се посоветувате со вашиот лекар со кој треба да имате одлична комуникација и на кој треба да му верувате.
Многу е важна улогата и на пациентот кој навремено ќе детектира промени во функцијата на своето тело и на докторот кој навремено ќе препознае врз основа на симптомите и другите испитувања дали се работи за пореметување на функцијата на тироидната жлезда и ќе ги превземе сите неопходни чекори за дијагностицирање и третман.