ТЕСТИРАЈТЕ СЕ И РАЗГОВАРАЈТЕ
Познавањето на вашата тироидна жлезда може да помогне како најдобро да го искористите времето со вашиот доктор. Клучот е да се тестирате и разговарате. За да се одбележи Неделата за свесност за тироидната жлезда, ние ја подигнуваме свесноста за важноста на тестирањето на тироидната функција, како и отворена и јасна комуникација меѓу пациентите и докторите за одржување на здравата тироидна функција.
Што е TSH тест?
TSH тестот е најдобар начин да дознаете дали вашата тироидна жлезда функционира нормално.
Тестирањето на тироидната функција помага да се дознае дали вашата тироидна жлезда произведува доволна количина, но не премногу или премалку, од хормонот Т4 (тироксин) во вашиот крвоток за да му овозможи на организмот добра дигестија, срцева и мускулна функција, развој на мозокот, одржување на коските и другите органи да функционираат нормално.
За да се процени ова, TSH тестот го мери нивото на друг хормон кој игра клучна улога во контролата на вашата тироидна жлезда, а тоа е TSH (тироиден стимулирачки хормон). TSH е од особено значење бидејќи овозможува комуникација меѓу хипофизата и тироидната жлезда. Ако хипофизата детектира ниско ниво на Т4 во крвотокот, продуцира TSH, кој ја стимулира тироидната жлезда да продуцира повеќе Т4 со цел да ја врати рамнотежата. Сликовито, тироидната жлезда има улога на грејач додека хипофизата на термостат. Но како и секој систем, така и овој може да не функционира и да престане да работи како што треба.
Како функционира TSH тестот?
Најдобар начин да се измери нивото на TSH е со земање на примерок од крв. Промените на TSH може да послужат како „систем за рано предупредување“ – често се јавува пред нивото на Т4 хормонот да биде премногу високо или ниско:
- Високо ниво на TSH покажува дека тироидната жлезда не произведува доволна количина на тироидни хормони (хипотироидизам).
- Ниско ниво на TSH покажува дека тироидната жлезда произведува преголема количина на тироидни хормони (хипертироидизам).
- Кај повеќето здрави индивидуи, нормалното ниво на TSH значи дека тироидната жлезда функционира нормално.
Што да се направи следно?
Разговарајте со вашиот доктор и прашајте го дали треба да направите тест за TSH, особено ако имате некаква загриженост за вашата моментална состојба или имате какви било нови симптоми како на пример:
- Тага, промени во расположението и депресија
- Слабост
- Мускулни и болки во зглобовите
- Зголемување на телесната тежина и покрај контролираниот животен стил
- Запек
- Абнормални менструални циклуси и/или проблеми со плодноста
- Тенки и кршливи влакна на косата и кршливи нокти и/или сува перутава кожа.
Добрата комуникација меѓу вас и вашиот доктор е од особено значење. Кога се постапува правилно, пациентите и нивните лекари се почитуваат меѓусебно, споделуваат чувства, одржуваат отворена и искрена комуникација и се согласуваат за точните цели за третманот и негата. Како резултат на ова, студиите покажуваат дека добрата комуникација води до подобри резултати од третманот.
Запомнете, добриот однос пациент-доктор вклучува искрена комуникација, а не само третман, и затоа споделете информации со вашиот доктор за вашата општа благосостојба, симптомите, и други здравствени прашања ако ги имате.