Д-р Маја Катранџиска Џонлага
специјалист по Семејна Медицина
Имајќи ги во предвид специфичните услови под кои функционираме изминатиот период, како се одвива грижата за пациентите кај докторите по семејна медицина?
Живееме во една нова реалност. Нашето ново “нормално” е борбата на човештвото со SARS CoV 2, каде сите капацитети и сите ресурси се насочени кон Ковид 19. Меѓутоа, во нашите амбуланти не исчезнаа пациентите со хипертензија, со дијабетес, сo ренални колики, со апендицити, со респираторни инфекции од други причинители…..Напротив, тие како и порано се овде, само обременети со условите на пандемијата, со сомневање или потврда за Ковид 19. Работата на матичните доктори е целосно насочена кон спречување на ширење на инфекцијата и контрола на Ковид 19. Матичните доктори се првиот контакт и се соочуват со предизвик да одговорат на сите предизвици….хронични пациенти, Ковид 19 со коморбидитети и акутни состојби. Најважното прашање за нас како матични лекари е како ние да останеме добри доктори, а да не дозволиме да се разболиме ние и нашиот персонал, да не сме ризик за прегледување на нашите хронични пациенти, кои немаат Ковид 19, а имаат потреба од контролни прегледи и како да ги менаџираме Ковид 19 позитивните пациенти кои имаат хронични болести и со тоа се во ризик да развијат потешка клиничка слика на Ковид 19.
Здружението на лекари по општа/семејна медицина во соработка со Центарот за Семејна медицина организираа низа едукации, предавања, за матични доктори и нивните тимови, кои ги обработуваат токму овие прашања. На тој начин добиваме насоки како да ја реорганизираме работата во нашите ординации во однос на безбедноста на нашите пациенти и точни протоколи за водење на пациенти со хронични болести во услови на пандемија, пред се дијабетес и хипертензија. Развивме нови начини на комуникација со нашите пациенти преку далечина, најчесто телефонска или електронска комуникација и однапред ги планираме прегледите како би можеле во еден акт да ги завршиме сите неопходни прегледи со физички контакт, а потоа толкување на резултати, давање совети и упатства за лекување преку методи на далечина. Исто така имаме изготвено и алатка преку кој го оценуваме степенот на итност и неопходност за преглед со физички контакт за оние пациенти кај кои тоа е неопходно.Многу добар тренд и за поздравување е и тоа што и пациентите започнаа да го прифаќаат начинот на работа со закажување кај матичниот лекар, за кој се надевам ќе продолжи да се применува и понатаму.
- Во пресрет на денот на Дијабетес, 14.11, посебно би се осврнале на пациентите со ризик од појава на Дијабетес тип2, на кој начин се одвива процесот на скриниг?
Секако и процесот на скриниг претрпе извесни модификации. Ние никако не смееме да престанеме да вршиме скрининг кај нашите пациенти. Но сега, не можеме да го вршиме онака како што налагаат упатствата. Ги користиме сите моменти на телефонски јавувања на пациентите да прашаме за евентуално постоење на ризик фактори за дијабетес. Ние најдобро ги познаваме нашите пациенти, нивниот животен стил, нивната фамилјарна анамнеза и оптоварувања, нивните навики. Ги советуваме на здрави животни навики, за здрав начин на исхрана, физичка активност и престанок на пушење. Вршиме и опортунистички скрининг на пациенти кои немаат ризик фактори, а доаѓаат во ординацијата за друга потреба. Во зависност од добиените резултати од мерењето на гликемијата, препорачуваме контрола на гликемијата во предвидениот рок користејќи ги дијагностичките критериуми и упатствата за водење на пациентите.
Според упатствата, сите пациенти со ИТМ > или еднаков на 25, со еден или повеќе ризик фактори, кои при скринингот имаат нормален резултат, повторен скрининг се препорачува после една година. Исто така и пациентите кои според резултатите се во групата на предијабетес, повторен скрининг се прави после една година.
Пациентите над 45 год, без ризик фактори ако при скринингот добијат нормален наод , повтроен скриниг се парави после 3 години. Оние кои според резултатот се во групата на предијабетес повторен скриниг се прави после 1 година.
Посебна категорија се бремените жени. Оние кои имаат ризик фактори, скрининг за дијабетес прават на првата посета. Бремените жени без ризик фактори скриниг прават 27-28 гестациска недела. Жените со гестациски дијабетес, скрининг прават доживотно за ризик од развој на дијабетес мелитус.
- Колкава е бројката на пациенти присутни во вашата ординација кои имаат одредени ризик фактори за развој на Дијабетес?
Бројот на пациенти со ризик фактори за развој на дијабетес е голем. Дел од тие фактори не можеме да ги модифицираме, тие се наследни фактори, возраст на пациентот над 45 години или појава на дијабетес во време на бременост или раѓање на големо бебе. Меѓутоа, другата група на ризик фактори се состојби кои можат да се менаџираат со заеднички активности на докторот и пациентот. Такви се дебелината, посебно абдоминалната дебелина, дислипидемии или покачени вредности на холестерол, покачениот крвен притисок, несоодветниот начин на исхрана, отсуство на физичка активност, метаболниот синдром, стресот…Сите овие ризик фактори се застапени посебно кај младата популација и доколку навреме не се преземат мерки, преку скрининг програмата не се дијагностицираат пациентите со предијабетес, многу лесно можат после неколку години да развијат и слика на манифестен дијабетес.Во фокусот на интересот на матичните лекари се токму овие пациенти кои имаат предијабетес.
- Колку метаболниот синдром е закана по здравјето на пациентот?
Метаболниот синдром е предизвикан од индустријализацијата на општеството и нездравиот начин на живот.Тоа се однесува на група ризик фактори за појава на кардиоваскуларни заболувања, како што е стресот, физичката неактивност, централната дебелина и резистенцијата на инсулин. Збирот на овие ризик фактори доведува до повисок ризик за појава на дијабетес и кардиоваскуларни болести отколку ако се смета секој ризик фактор поединечно. Метаболниот синдром е евидентен од централната дебелина, која може да се одреди со мерење на обемот на половината. Раното откривање и третманот на метаболниот синдрм има за цел примарна и секундарна превенција на Дијабетес мелитус тип 2, на КВЗ (хипертензија, коронарна артериска болест, мозочен удар, периферна артериска болест) како и возможност од депресија и Алцхајмерова болест.
- Какви совети им давате на овие пациенти за да го намалат ризикот и да го подобрат квалитетот на своето здравје?
Пред се им даваме препораки за промена на животниот стил и здрав начин на живот. Градиме индивидуализиран пристап кон секој пациент. Најпрво ако пациентот има зголемена телесна тежина даваме совети за намалување на телесната тежина, за почеток барем за 10% од постоечката телесна тежина и тенденција за контрола на телесната тежина да се избегне обезност и ИТМ >30 или обем на струк <94 см, за мажи и <80 за жени. Совет за здрава исхрана за зголемено консумирање на зеленчук и свежо овошје, риба, јаткасто овошје, маслиново масло, мала количина на црвено месо и млечни производи со ниска масленост. Умерена физичка активност од најмалку 150 минути неделно или индивидуално спрема потребите на пациентот. Советуваме прекин на пушењето со супортивна терапија. Правиме едукација на пациентите за самогрижа и самоконтрола.
Некои од пациентите се придржуваат на нашите совети, некои помалку се придржуваат, но ние сме секогаш достапни да ги коригираме, да ги насочиме, бидејќи од тоа има голем бенефит самиот пациент, но исто така и ние лекарите кои би имале поздрави пациенти и пациенти кај кои болеста е под контрола