- Здравствениот свет години наназад отворено зборува за метаболниот синдром. Според Вас како се одразува таквата состојба на здравјето на пациентите?
Метаболниот синдром е здравствена состојба за која многу се зборува во последно време. Метаболниот синдром е збир од повеќе метаболички нарушувања ( ризик фактори) кои се појавуваат заедно, зголемувајќи го ризикот од кардиоваскуларни заболувања и дијабетес мелитус тип 2. Некои го нарекуваат и синдром на инсулинска резистенција. На метаболен синдром може да се посомневаме доколку лицето има најмалку три од можните 5 нарушувања:
- Централна или абдоминална дебелина ( масни наслаги во половината) , односно обем на половината од над 102 см кај мажите и над 89 см кај жените.
- Ниво на шеќер во крвта од 5,6 ммол/л или повисок
- Крвен притисок- 130/85 mmHg или повисок
- Високо ниво на триглицериди- 1,7 mmol/L или повисоко
- Редуциран ХДЛ холестерол- помалку од 1,04 mmol/L кај мажи или помалку од 1,3 mmol/L кај жени.
Ако некој човек има едно од овие нарушувања, тоа не значи дека има метаболен синдром, но значи дека има голем ризик од серизони болести.
- Колку е значајна улогата на црниот дроб во регулацијата на гликемијата во крвта и што би значело хроничното пореметување на работата на истиот?
Улогата на црниот дроб во регулацијата на гликемијата во крвта е од непроценливо значење. Во хепарот полисахаридите се претвараат во гликоген кои со помош на ензимска активност ќе бидат трансформирани во глукоза. Во хепарот синтезата и разградбата на гликогенот се регулирани како би се одржувала концетрација на глукоза во крвта, односно за да се задоволат потребите на сите органи за глукоза. Токму поради тоа хроничното пореметување на работата на хепарот би значело покрај други клинички промени и пореметен глукозен метаболизам и инсулинска сензитивност во мускулите и во хепарот. Би сакала да напоменам дека инсулинската резистенција патофизиолошки води до неалкохолна стеатоза на хепар која е всушност една од најчестите причини за хронични хепатални болести во западниот свет.
- Во кои случаи може да дојде до пореметување на работата на црниот дроб и на кој начин пациентите можат да ги превенираат ваквите промени?
До пореметување на работата на црниот дроб може да дојде при одредени заболувања на истиот: инфекции, вирусни хепатити А,Б,Ц , потоа автоимуните заболувања на хепарот како примарен билијарен холангит, примарен склерозантен холангитис.Секако тука би ги споменале и бенигните и малигните тумори на хепар, билијарниот дуктален карцином. Нешто поретко од досега споменатите се и генетските вродени болести на хепарот како хемохроматозата, Вилсоновата болест.
Во последно време се почесто се јавува неалкохолната стеатоза на хепарот, особено во земјите од западниот свет. На некои од овие состојби како вродените и автоимуните состојби не може многу да се влијае, но секако дека за оние останатите постои соодветна превенција. Здравата и балансирана исхрана со поголем внес на овошје, зеленчук, житарки, диететски влакна е императив, како и редуциран внес на шеќери, алкохол, сол, масти особено сатурирани и транс масти. Исто така се советува и редовна секојдневна физичка активност, прекин на пушењето, консумацијата на алкохол и редуцирање или пак менаџирање на стресот. Многу важно е да се прават редовни рутински прегледи кај матичен лекар, а по потреба и кај интернист.
- Какво е значењето на метаболниот синдром за појавата на преддијабетес и дијабетес мелитус тип 2?
Метаболниот синдром е тесно поврзан со натхранетост, обезност или пак физичка инактивност. Исто така е поврзан со состојба наречена инсулинска резистенција. Метаболниот синдром го зголемува ризикот од дијабетес мелитус тип 2 и кардиоваскуларни болести. Доколку не се направат промени во начинот на живот за да се контролира телесната тежина може да дојде до развој на инсулинска резистенција која води до покачување на шеќерот во крвта, поточно води до дијабетес мелитус тип 2. Од друга страна, високиот холестерол и крвен притисок се одговорни за атеросклеротични промени кои водат до кардиоваскуларни болести.
- Во пресрет на Светскиот Ден на Дијабетесот, 14 Ноември, какви се вашите пораки кон граѓаните во поглед на превенцијата од дијабетес?
Начинот на исхрана (балансирана диета) е основа во превенција на дијабетесот. Диетата подразбира балансиран внес на јаглехидрати, масти, протеини и храна богата со овошје, зеленчук, житарки, диететски влакна. Избегнување на внес на заситени масти и поголемо количество на сол во исхраната. Физичката активност е исто така важен дел при контролата на гликемија, а истовремено ве прави повесели, поздрави, а и познато е дека движењето ги заштитува вашите крвни садови. Се советува физичка активност од 30 минути секој ден. Превенцијата исто така се состои и во одржување на нормалната телесна тежина и избегнување на пушењето.
- Овогодинешната тема за Денот на Дијабетесот е “Дијабетес: Сестрите ја прават разликата”. Колку сестрите се Ваш партнер во едукацијата на пациентот ?
Во поглед на едукација на пациентот, медицинската сестра има голема улога во спроведувањето на целокупниот процес. Задача на медицинската сестра е да контактира со пациентите на одреден временски период и да се соочи со индивидуалните потреби на секој пациент. Луѓето со дијабетес се соочуват со голем број предизвици и едукацијата и следењето од страна на медицинската сестра е неопходно за пациентот. Успешно изведена едукација создава уште еден експерт во тимот – пациентот, кој е информиран и добро го контролира дијабетесот и води нормален живот.