
Пишува: Проф. Д-р Венјамин Мајсторов, Институт за патолошка физиологија и нуклеарна медицина.
Тироидните хормони се есенцијални за нормален раст и развој на организмот и одржување на енергетскиот метаболизам. Од друга страна, тироидните заболувања се чести, особено кај жените (и до десет пати почести од мажите), а нивната манифестација е многу разновидна и честопати неспецифична. Иако релативно лесно може да се откријат со сензитивни биохемиски тестови кои се денес широко достапни, сеуште среќаваме ненавремено препознаени и нелекувани случаи. Неоткриената и нелекувана тироидна дисфункција може да го отежни процесот на забременување, да предизвика проблеми за време на бременоста, но исто така ја намалува плодноста и на мажите. Брачните парови со тироидни заболувања многу почесто страдаат од брачна неплодност. Заради тоа, свесноста за тироидните заболувања, особено кај жените во репродуктивниот период и идни мајки, треба да биде на високо ниво.
Нарушувањата на тироидната функција може да ги поделиме во две големи групи: состојби на намалена тироидна функција-хипотироидизам и состојби на зголемена тироидна функција-хипертироидизам.
Намалена тироидна функција (хипотироидизам)
Се среќава и до 5.3% од општата популација во Европа. Неоткриени форми на хипотироидизам, како манифестни, така и лесни, се среќаваат кај околу 5% од популацијата. Знаците се бројни , честопати нетипични, во голем дел се преклопуваат со други заболувања и вклучуваат: замор, пораст на телесната тежина, ладни екстремитети, забавен говор и движења, задебелен глас, губиток на здив, анемија, гушавост, мускулна слабост, запек, опаѓање на косата, сува и погруба кожа, отоци на лицето и телото, висок крвен притисок, губиток на памтењето, слаба концентрација, депресивност, променливо расположение, губиток на самодовербата и либидото, кај жени изостанување на циклусите, намалени или обилни менструални крварења, неплодност и др.
Што треба идните мајки да знаат?
При планирање на бременост правилното и навремено лекување со тироидни хормони значително ги подобрува шансите за бременост и е поврзано со намален ризик за абортус во случај на успешно забременување. Бремените жени треба да прават почести лабораториски контроли на тироидните параметри за да може соодветно да се дозира терапијата, која обично во бременоста се зголемува, особено во првите 20 недели, за да бебето добие доволно тироидни хормони за нормален развој на неговиот нервен систем. Мајките кои примаат тироидни хормони слободно можат да ги дојат своите деца.
Зголемена тироидна функција (хипертироидизам)
Поретко се среќава од намалената функија, застапена е кај околу 0.7% од популацијата во Европа. Најчести знаци се: прекумерно потење, нетолеранција на топло, влажни и топли дланки, срцебиење, зголемен апетит, чести столици, губиток на телесна тежина, опаѓање на косата, гушавост, тресење на рацете и телото, недостаток на здив, хиперактивност, измореност, зголемено либидо, мускулна слабост и болки во мускулите, промени во расположението, нервоза, вознемиреност, страв, несоница, а кај жени прекин на циклусите, скратени или продолжени циклуси, неплодност и др.
Што треба идните мајки да знаат? Постои зголемен ризик за абортус во раната бременост доколку болеста не е лекувана. Заради тоа особено важно е хипертиреозата да биде под конрола пред донесувањето на одлука за бременост. Нелекувана болест во тек на бременоста може да доведе до висок крвен притисок, слабо напредување на бебето и предвремено породување. Потребни се почести контроли во тек на бременоста за да се осигура правилно дозирање на терпијата. Во ретки случаи бебето привремено може да има хипертиреоза за време на бременоста и непосредно по раѓањето, но тоа може успешно да се лекува. Постои повисок ризик за повторување на болеста во првата година по породувањето, односно влошување кај оние со активна болест. Доењето е дозволено и пожелно само доколку терапијата е со пониски дози, со препорака доењето да биде пред примањето на утрешната и вечерната доза на лекот.