
Пишува:
Прим. Д-р. Златко Петровски
специјалист по нуклеарна медицина
ЈЗУ Клиничка болница – Битола „Д-Р Трифун Пановски“
Заболувањата на тироидната жлезда како глобален здравствен проблем
Над 300 милиони луѓе ширум светот имаат заболувања на тироидната жлезда, а многумина од нив не се свесни дека имаат проблем или сеуште не им е поставена дијагноза. Доколку нарушувањата на тироидната жлезда не се дијагностицираат и лекуваат навреме можат да предизвикаат сериозни здравствени проблеми.
Тироидната жлезда и нејзината улога во човековиот организам
Тироидната жлезда е ендокрина жлезда која е сместена под гркланот, од двете страни на дишникот. Има форма на штит, па затоа е позната и под името штитна жлезда. Иако е мала, оваа жлезда има големо значење во човековиот организам – директно или индиректно ја контролира речиси секоја функција и одговорна е за производство на енергија и регулирање на многу метаболни процеси.
Тироидната жлезда произведува два важни хормони – тироксин (Т4) и тријодтиронин (Т3), кои се неопходни за одржување на нормален метаболизам, телесна температура, нормален крвен притисок и работа на срцето, како и нормален раст и развој кај децата. За нивна синтеза се потребни доволни количини на јод.
Најчести пореметувања во функцијата на тироидната жлезда
Проблемите се појавуваат кога тироидната жлезда станува прекумерно активна или помалку активна. Ваквите нарушувања можат да се јават како резултат на стрес, генетски предиспозиции, бременост, автоимуно заболување, токсини од опкружување, лоша исхрана.
Зголеменото лачење на хормоните на штитната жлезда или хипертиреоза, доведува до срцебиење, потење, губење на тежина при зголемен апетит, жештини, чувство на вознемиреност, нервоза и абнормални менструални циклуси.
Намаленото лачење на тироидните хормони или хипотиреоза, предизвикува чувство на замор, зголемување на телесната тежина, надуеност, намалена енергија, поспаност, опаѓање на косата и кршливи нокти, запек, депресивност, намалена концентрација, нередовни циклуси и неможност за забременување.
Жените речиси 10 пати почесто заболуваат од мажите, особено во периодот после 40-та година.
Третман на хипотиреоза
Лекувањето на хипотиреозата е долготрајно, најчесто доживотно со давање на левотироксин во доза која ја одредува докторот по спроведени клинички и лабораториски испитувања, а со цел да се надомести намалената или отсутна продукција на хормоните на тироидната жлезда.
Подигнување на свеста за тироидните заболувања
Одбележувајќи ја Интернационалната недела за подигнување на свеста за тироидната жлезда, препорачувам кај потенцијалните пациенти кои ќе забележат било кои од симптомите, задолжително да се јават на преглед кај лекар- специјалист за тироидни заболувања, за да се постави навремена дијагноза и навремено да се започне третман. Навременото дијагностицирање е од клучно значење за успешен третман и нормален живот.