Ракот на дебелото црево е една од најчестите малигни заболувања во нашето време, со околу 1,9 милиони нови случаи ширум светот секоја година, сочинувајќи околу 10% од сите случаи на малигни заболувања на глобално ниво. Според глобалните податоци, во нашата земја, се проценува дека има околу 1000 нови пациенти секоја година. Според инциденца карциномот на дебело црево е трета по застапеност малигна болест. Околу 500 луѓе умираат од оваа болест секоја година, што ја рангира оваа болест како втора водечка причина за смрт од малигни тумори кај жени и трета кај мажите. Зголемувањето на бројот на случаи се должи на растот и стареењето на населението, како и лошата исхрана и начин на живот.
Порано, ракот на дебелото црево најчесто ги погодуваше постарите лица, по 70-та година од животот, но во последната деценија се забележува тренд на зголемување на инциденцата кај млади луѓе на возраст под 40 години. Се покажа дека возраста може да биде прогностички фактор , односно дека возраста на пациентите под 40 години има влијание врз поагресивната форма на болеста и пократкото целокупно преживување. Посебен проблем, кај нас и во светот, е големиот процент на пациенти со метастатско заболување во моментот на дијагностицирање што е случај кај 255 од пациентите, со метастази најчесто лоцирани во црниот дроб. И покрај фактот дека колоректалниот карцином се развива бавно, во период од осум до десет години, повеќето пациенти се уште се дијагностицираат во доцните фази III и IV. Пациентите на кои им е дијагностициран во најранирани фази (фаза I), петгодишното преживување е над 90%, додека кај оние диајгностицирани во метастаски стадиум тоа е околу 10-15% од пациентите.
Претпоставени фактори и ризици што придонесуваат за рак на дебелото црево се, возраста на пациентот, семејна историја на рак на дебелото црево, хронични воспалителни болести на овој орган, долготрајно внесување на алкохол, црвено и печено месо, пушење, дебелина, недостаток на физичка активност .
Најчестите симптоми што треба да се бараат се промени во празнење (опстипации) на дебелото црево кои траат со денови и недели, промени во конзистентноста на столицата, чувство на нецелосно празнење на дебелото црево, крварење од дебелото црево, анемија, абдоминална болка и некои општи симптоми како што се слабост и замор и губење на тежината на пациентот. Слични симптоми може да се појават и со други болести на дебелото црево, најчесто со хемороиди, инфекции, присуство на синдром на нервозно дебело црево или воспалително заболување на цревата.
Високата преваленца на оваа болест, склоноста на пациентите да го игнорираат појавувањето на симптоми, како и важноста на раното откривање за значително подобар исход на болеста се главните причини за воведување на програми за скрининг, превенција и рано откривање на рак на дебелото црево во многу земји. Оваа програма се спроведува кај мажи и жени на возраст од 50-74 години. Превентивните прегледи вклучуваат имунохемиски тест за рано откривање на скриена крв во столицата и колоноскопски прегледи извршени од гастроентерохепатолози. Исклучително е важно, да се нагласи важноста на откривање на болеста во рана фаза кога излекувањето е скоро сигурно и дава голема шанса на спречување на развој на малигни тумори во дебелото црево.
Од друга страна, постојат пациенти кои имаат метастази за време на дијагнозата. До половина од оперираните за овој тумор ќе развијат метастатско заболување во годините по хируршкиот третман, најчесто прво во црниот дроб. Затоа е важно, колку порано се открие болеста, толку е помал обем на хируршки третман и поголема е веројатноста за преживување и заздравување. Молекуларната биологија денес ни помага да ги утврдиме клучните генетски параметри на биологијата на туморот, односно да ги утврдиме молекуларните биомаркери кои имаат можност да го предвидат одговорот на хемотерапијата и прогнозата на болеста. Овие современи биомаркери ја надополнуваат сликата за болеста и ја разгледуваат способноста на пациентот да одговори на третманот.
Терапевтската стратегија ја одредува мултидисциплинарен тим на лекари, составен пред се од онколошки хирург, гастроетерехепатолог и онколог, како и патолози, радиолози и други специјалитети по потреба. Веќе е кажано дека има скоро пет илјади пациенти секоја година, но голем процент од овие пациенти се успешно оперирани и продолжуваат да живеат релативно нормално. Сепак, има голем број на оние кои секоја година се дијагностицираат во метастатската фаза на болеста, без разлика дали тоа е прва презентација на болеста, или се претходно оперирани.
Современиот третман на метастатски карцином на дебело црево вклучува употреба на цитотоксична хемотерапија и биолошки агенси, според претходно спроведените молекуларни тестови. Добро испланиран и што побрзо применет третман, има најголем успех. Современите режими за хемотерапија го продолжија просечното преживување на 20 месеци, а со воведувањето на биолошка терапија, денес просечното преживување е и над 30 месеци.
Како што е претставено во клиничките упатства главните опции за третман на пациентите со колоректален карцином се:
- Хируршки третман
- Препорачаните режими на моно или комбинирана хемотерапија
- Биолошка (насочена) терапија
- Радиотерапија
Должност на секој од нас е да направиме дополнителни напори, да ја подобриме целокупната слика за рак на дебелото црево : пациентите редовно да ги пријавуваат своите проблеми на лекар и да учествуваат во скрининг програми, лекарите да ги третираат своите пациенти на најдобар начин и да се зголеми достапноста на иновативни лекови . Само ваквите синхронизирани напори ќе ги подобрат вкупните резултати од откривањето и лекувањето на рак на дебелото црево во нашата земја.
Во овој месец, посветен на подигнување на свесноста за оваа болест , најважната порака е дека карциномот на дебело црево може да се СПРЕЧИ, ДА СЕ ЛЕКУВА И ДЕКА МОЖЕ ДА СЕ ПОБЕДИ.